Како се станува крводарител

За да станете крводарител, потребна е желба и мал дел од Вашето време.
Да се спаси нечиј живот е многу хуман гест. Имајте на ум дека со само една дарувана кеса крв можете да спасите и до 3 или 4 животи. Тоа е затоа што од една единица полна крв се прават повеќе производи.

Информирајте се од нашата веб страна, но и од средствата за јавно информирање, каде тој ден ќе работат нашите мобилни екипи и дарувајте крв.

Може да дарувате крв најблизу до Вашето место на живеење. Вработените крв може да даруваат и во деновите кога нашата мобилна екипа доаѓа во нивната работна организација.

Доколку Ви одговара, може и да поминете и до трансфузиолошката служба во Вашиот град каде ќе бидете со задоволство пречекани и услужени.

Исто така, крв може да се дарува и во Институтот за трансфузиона медицина во Скопје (ИТМ-Скопје) секој работен ден од 7:30 до 19:00 часот, а сабота од 9:00 до 14:00 часот.

За да станете крводарител треба да ги исполните следните задолжителни услови:
• Да бидете здрав и да сте на возраст од 18 до 65 години.
• Пред дарувањето потребно е да пополните прашалник за дарител на крв во кој прашањата се однесуваат на Вашето здравје, прележани болести и животни навики. Неопходно е искрено да одговорите на поставените прашања, бидејќи на тој начин го штитите сопственото здравје, но и здравјето на тој што ја прима Вашата крв.
• По пополнувањето на прашалникот се пристапува кон боцкање на прст за да се земе крв и да се исконтролира нивото на хемоглобин во крвта.
• После следи разговор со лекарот, koj го разгледува прашалникот што сте го пополниле, Ви мери крвен притисок и ја слуша работата на Вашето срце. Со сето ова се проверува Вашето здравје, бидејќи крв може да даде само здрав човек.
По извршениот преглед лекарот треба да даде согласност за да дарувате крв.
• Доколку е се во ред, се пристапува кон актот на дарување крв што се изведува во лежечка положба. За   дарување се користат тројни или четворни кеси, а се дарува само во едната кеса, додека во останатите две односно три се приготвуваат крвни компоненти. Сетот за дарување е стерилен и за една употреба, што значи дека не постои начин да се заразите. Нашиот персонал е добро обучен така што убодот од иглата нема да Ве боли ништо повеќе од убодот при земање на крв за било која анализа на крв. При дарувањето нема да ја чувствувате иглата додека Ви е во вена. Најдобро би било додека трае дарувањето да разговарате со нашиот персонал или да размислувате за нешто за Вас пријатно, а ние ќе се потрудиме да Ви биде што поудобно. По дарувањето полежете 5-10 минути. Потоа следи освежување со кафе, сок и лесен оброк.
• После дарувањето на крв можете да се вратите на вашите секојдневни обврски и работи. Но сепак запаметете неколку совети:
– Не треба да пушите цигара 30 минути до 2 часа после дарувањето на крв, не треба да конзумирате алкохол најмалку 8 до 12 часа, особено не ако сте гладни.
– Завојот на местото на убодот не го вадете 2 часа.
– Во наредните 8 часа да не се излагате на тежок физички напор, а некои опасни или специфични професии (рудари, градежни работници, пилоти, лица кои ракуваат со огнено оружје и слично, бараат да се воздржите од истие во текот на 48 часа. Истото се однесува и на екстремните спортови или боречки вештини.
– Доколку почувствувате мачнина, седнете или легнете, тоа е минливо и нема да имате последици.
– Пијте повеќе течности во првите 4 часа, или до крајот на денот.
– Ако во тек на наредните 3 дена се разболете, јавете се во нашата служба. Тоа сигурно не ви е последица од дарувањето но може нам да ни користи во проценката на безбедноста на продуктите кои сме ги изработиле од Вашта крв односно може да се укаже дека истата не е погодна за трансфузија .

• За секоја забелешка, позитивна или негативна, Ве молиме да не известите, или преку линкот за контакт на нашата веб страна, или на начин кој Вам Ви е најпогоден.

Најчесто поставувани прашања за крводарувањето

1. На која возраст можам да започнам да дарувам крв?

Секое здраво лице на возраст од 18 до 65 години може да дарува крв.

2. Дали треба да бидам јаден пред дарувањето?

Пред дарувањето пожелно е да јадете лесен оброк (кифла, геврек..). Доколку претходно сте јаделе помасен оброк, не ќе бидеме во можност да добиеме квалитетна крв и крвни продукти од крвта што сте ја дарувале.

3. Во што се состои прегледот пред дарувањето?

Пополнувате прашалник за дарител на крв во кој прашањата се однесуваат за Вашето здравје, прележани болести и животни навики. Со боцкање од прст се зема капка крв и се проверува нивото на хемоглобинот во крвта. Потоа следи разговор со лекарот кој ќе Ви мери крвен притисок и ја слуша работата на срцето.

4. Дали се тестира крвта?

Да. Крвта се испитува за присуство на заразни заболувања преносливи со крв – жолтица Б и Ц, сифилис, сида. Секоја единица на крв која била позитивна на било кој од овие тестови безбедно се уништува. Освен ова се одредува крвна група, Rh фактор и антитела кај секоја единица крв.

5. Што се случува понатаму со резултатите од тие тестирања?

Сите резултати од тестирањата се достапни за увид само на дарителот и на медицинските лица кои непосредно ги изведуваат тие тестови или се одговорни за контрола на квалитетот на добиените крвни компоненти, т.е. има апсолутна анонимност и дискреција. Лицата кај кои се утврдило дека било кој тест од оние наменети за заразни болести преносливи со крв е позитивен, се повикуваат по писмен пат да дојдат за повторно тестирање или за упатување во некоја друга институција која е задолжена за лекување или дополнително испитување.

6. Дали со дарувањето крв може да се заразам?

Со дарувањето крв не може да се заразите, бидејќи сетот за дарување е стерилен и е за една употреба.

7. Дали боли убодот од иглата?

Нашиот персонал е добро обучен така што убодот од иглата нема да Ве боли ништо повеќе од убодот при земање на крв за било која анализа на крв.

8. Дали се чувствува иглата додека е во вената?

Иглата не се чувствува додека е во вената.

9. Колку долго трае самото дарување на крв?

Дарувањето трае околу 5 – 10 минути.

10. Колкаво количество на крв се дарува?

Се дарува 450 мл. крв. Сакаме да Ве потсетиме дека човек со околу 70 кг. има околу 5 литри крв. Постои и можност при строго одредени услови да се дарува и помала количина на крв, на пример 350 мл, што се врши во кеси наменети за таа намена.

11. За колку време се надоместува даруваната крв?

Течниот дел од крвта – плазма се надоместува за 24 часа. Крвните клетки (еритроцити, тромбоцити, леукоцити) се надоместуваат постепено во текот на неколку недели, во зависност од видот на клетките. Затоа е задададен временски интервал помеѓу две дарувања од 3 месеци за мажи и 4 месеци за жени.

12. Како ќе се чувствувам по дарувањето?

Вообичаено дарителите не чувствуваат никакви потешкотии или промени за време на или после дарувањето. Некои дарители се чувствуваат дури и подобро и олеснето од колку пред дарувањето. Сепак незначителен број на дарители може да почувствуваат лесна непријатност или мачнина. Тоа не треба да Ве загрижува, зошто таквите појави се минливи и без последици. Лекарот ќе Ве советува како да постапите при појава на таква реакција.

13. Дали може по дарувањето да ги изведувам секојдневните активности?

Може да ги изведувате Вашите секојдневни активности. Сепак лицата кои се занимават со тешки и опасни работи, мора да внимаваат во текот на следните 2 дена. Има професии кои бараат крводарителот да биде отсатен од работа во тек на 12 до 72 часа, во зависност од природата на самата професија. Запомнете дека не смее да се пуши цигара најмалку 30 минути до 2 часа, алкохол не смее да се конзумира најмалку 8-12 часа, особено не на празен желудник и пожелно е да се конзумира повеќе вода или сокови во текот на истиот ден.

14. Дали има и други видови на дарувања?

Да, постојат така наречени алтернативни начини на крводарување, како што се на пример дарувањето по пат на афереза, автологно дарување, предоперативна нормоволемична хемодилуција и интраоперативна и постоперативна крвна салважа. Со постапката наречена афереза крвта на дарителот минува низ машина-клеточен сепаратор со цел да се одделат крвните елементи-плазма и разни видови клетки (тромбоцити, леукоцити, еритроцити), така што за терапија се користи само оној дел кој е потребен, а останатиот дел од крвта се враќа на дарителот. При автологно дарување (при планирани операции) пациентот дарува крв и крвни компоненти за себе. Крвта што ја дарува пред оперативниот зафат се чува во трансфузиолошката служба. Таа е наменета исклучиво за пациентот кој ја дал и за време на операцијата ја прима истата. Другите видови на алтернативно дарување се случуваат во операциона сала кај пациенти кај кои постои индикација да се спроведе истото.

Правилна исхрана пред дарување крв

Почитувани крводарители!

Крвта која ја подарувате е скапоцен лек од кој зависи животот на многу болни. Квалитетот, сигурноста на крвта и обезбедување на доволни количини од сите крвни групи се наши приоритети и само со Ваша соработка тие можат во целост да бидат остварени. Затоа, Ве молиме и овојпат заедно да го решиме проблемот со кој се среќаваме секојдневно во нашата работа. А, тоа се

Високите маснотии во крвта!!!

Дали знаете дека?

  • Вишокот маснотии во Вашата исхрана е видлив и во крвта која ја дарувате. Плазмата е заматена или има бела боја, наместо прозирно-жолта.
  • Заради вишокот на масти во даруваната крв, понекогаш не можат да се направат тестирања на крвта кои се задолжителни при секое дарување.
  • Крвта која има вишок на маснотии неможе да се искористи за лекување на болните, што значително влијае, одн. ги намалува резервите.

Која храна содржи многу маснотии?
Тоа се: пржените јадења, јајцата, мајонезот, сланината, колбасите, млекото и млечните производи (сирење, кашкавал, павлака, путер и др.)

Која храна содржи малку маснотии?
Овошјето, зеленчукот, рибата, тестенините, варената храна, свежите салати се производи сиромашни со маснотии, одн. спаѓаат во здрава храна која е пожелно секојдневно да се консумира.

Совети за исхрана пред дарување на крв

  • Пред крводарување нема потреба да бидете гладни; можете да изберете оброк кој не содржи маснотии!!
  • Избегнувајте масни јадења 12 до 24 часа пред дарување на крв.
  • Пред и после дарување зголемете го внесувањето на течности, пред сé вода и безалкохолни пијалоци.

Внимание: Присуството на маснотии може да го зголеми ризикот од појава на заболувања на срцето и крвните садови!! Затоа, доколку сте имале маснотии во крвта или можеби само се сомневате, можете бесплатно пред дарување да направите лабораториско тестирање во нашиот Институт за трансфузиона медицина.
Ве очекуваме!

Чувајте го сопственото здравје за да можете да го подарите и на други!!